
Заев: Евентуално одлагање на одлуката за датум за преговори може да ја урне Владата во Скопје
Премиерот Зоран Заев од Брисел порача дека можното одлагање на одлуката за датум за преговори од страна на ЕУ може да доведе до пад на неговата Влада.
На средба со новинарите во Брисел тој денеска најави дека евентуалното одложување на одлуката на германскиот Бундестаг што потоа би довело до пролонгирање на добивањето датум за старт на пристапните преговори, може да доведе до јакнење на националистите и до губење на мнозинството во Парламентот.
Од одлуката за датумот, зависи и реконструкцијата на Владата.
„Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни. Ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието…
Ако ја изгубам поддршката на Парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на Владата?
Затоа чекам. Јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе-долу кој ќе биде сменет во Владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне Владата. Може ќе треба да одиме на предвремени избори или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака…“, рече Заев.
Комесарот за проширување, Јоханес Хан, на работно утро со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се обиде да поттикне позитивна одлука за земјава да започне со преговорите. До овие моменти нема детали од состанокот. Нè делат две недели од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки, но сè уште не се знае нивниот конечен став за Северна Македонија.
Вчерашната средба на Заев во Брисел се чини дека ништо не смени.
“Повеќе земји-членки на ЕУ одбиваат почетокот на преговори со Албанија и Северна Македонија”, пишува денеска австрискиот весник “Ди Пресе”, кој понатаму наведува дека Франција и Холандија остро се спротивставуваат на почетокот на преговорите со двете земји. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, по средбата со Заев призна дека некои земји сè уште се противат на отворање на преговорите, иако тој лично е за.
„Знам дека некои земји-членки имаат загриженост. Ќе направам сè што е во моја моќ да ги убедам“, изјави Јункер.
Со комесарот Јоханес Хан се состанаа и претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои изразија загриженост во врска со функционирањето на институциите во земјава и застојот на реформите, но и тие побараа почеток на преговорите за членство.
Фатлуме Дервиши
https://www.alsat-m.tv/mk/ |