Од најголемата опозициска партија бараат премиерот да престане да манипулира со јавноста и да ја напушти власта.
“Република Македонија за жал не доби датум за почеток на преговори овој јуни, исто како што не доби ниту лани кога Зоран Заев и неговите соработници славеа во владиниот авион. Република Македонија не добива датум затоа што нема реформи, а криминалот и корупцијата добиваат епидемиски размери.
Се додека Зоран Заев е на власт Република Македонија ќе трпи неуспеси.
Зоран Заев мора да си оди од власт за Македонија да тргне напред”, пишува во сооптението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од движењето БЕСА бараат од Заев да распише предвремени избори.
“Бидејќи денес не успеа да се одржи ветувањето за отпочнување на преговорите овој месец, како и не се дадени гаранции дека датум може воопшто да се добие во текот на ова тековна година, затоа го охрабруваме премиерот да го одржи ветувањето и одма да распише предвремени парламентарни избори, после кои сигурно ќе дојде една политичка елита што ќе обезбеди сигурна европска иднина и интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија”, се вели во соопштението од БЕСА.
Околу датумот за преговори се огласија и помалите политички партии кои се дел од власта. НСДП оценува дека наместо влошување на политичката ситуација во државата со оставка на Владата и распишување на предвремени избори, времето до почнувањето на преговорите Владата треба да го посвети на жестока пресметка со корупцијата, криминалот, непотизмот, неодговорното однесување на носители на јавни функции и дополнително засилување на економскиот развој во земјава.
За Демократскиот сојуз, пак, независно од одлуката за почеток на преговорите, Македонија треба да продолжи со реформите и имплементација на европските стандарди, бидејќи тоа е од интерес на сите граѓани.