Понеделник, 23 Септември 2019    Печати
Бомбите се модифицирани и компромитирани!

alt

Шокантно сведочење на Верушевски: Бомбите се модифицирани и компромитирани!

„Бомбите“ кои беа дел од серијалот „Вистината за Македонија“, со чија помош Зоран Заев дојде до позицијата премиер на државата, биле компромитирани и модифицирани, кажа денеска во улога на сведок во случајот „Таргет Тврдина“ поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски. Тој кажа дека до неговото апсење знаел колку точно материјали имал СДСМ, но потоа веќе немал контрола.

-Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода, кажа денеска Верушевски пред судот.

Како материјалите кои СДСМ ги имале во своите раце ќе бидат искористени, одлучувале лидерите на партијата, првично Бранко Црвенковски, а потоа и Зоран Заев.

-Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев, кажа денеска Верушевски.

Покрај искривената вистина која им се презентираше на граѓаните, т.н. „бомби“ на Заев сега се и дел од судскиот систем, тие се користат како докази во предметите кои ги отвори СЈО, против функционери од поранешната власт.

Одбраната во случаите кои ги водеше Обвинителството со кое раководеше притворената Катица Јанева, во минатото бараше разговорите кои во СЈО беа предадени од Заев да не бидат користени како докази, а се бараше и вештачење за да се види дали истите се монтирани, нешто што од судот беше одбивано.

Инаку, дека бомбите биле алатка со која тогаш лидерот на опозицијата, сега премиер манипулирал со граѓаните сомнежи има од поодамна, истите се зголемија кога Ел Чека ги објави целосните разговори за случајот Мартин Нешковски, а не оние кои беа монтирани на Бихачка. Разговорот меѓу Груевски, Јанкулоска и другите не ја потврди верзијата на Заев за убиството на Нешковски.

Таму се слуша како поранешниот премиер вели дека овој крвав инцидент мора да се расчисти, а сторителот да добие најстрога казна. Јанкуловска пак вели дека полицијата прави се што може да го расветли овој случај.

Токму со бомбите за Нешковски, Смилковско езеро и случајот Младенов, Заев најавуваше различна вистина од онаа која сите веќе ја знаеме. Но и покрај тоа што семејствата на момчињата убиени во близина на селото Смилковци добиваа ветувања од тогашниот лидер на опозицијата, добиваа и СМС пораки, нова вистина не добија. Што беше потврдено и со последното рочиште за случајот „Монструм“ каде беа објавувани разговори, но ништо конкретно не се слушна.

Различна вистина беше ветувана и за сообраќајната незгода во која загина новинарот Никола Младенов, но немаше ништо ново од она што веќе се знае. Што беше потврдено и од неговата сопруга Билјана Младенова, која во телевизиско гостување изјави дека Младенов загинал поради брзината на возење.

Одбраната во „Таргет Тврдина“ денеска побара да запре судењето за овој случај, бидејќи само СЈО може да води кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Застапник на обвинението е Артан Ајро, кој сега е дел од ОЈО Скопје.

Матеја Петровски

https://alfa.mk/shokantno-svedochene-na-verushevski-bombite-se-modifitsirani-i-kompromitirani/