Среда, 09 Јули 2014    Печати
Премини во Македонија и помогни ни

lidija
Света Лидија Македонска

Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: „Премини во Македонија и помогни ни“!

По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дела Господ не повикал таму да го проповедаме Евангелието.

И така откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден во Неапол.

А оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена.

А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога стигнавме им зборувавме на собраните жени.

И една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини слушаше и Господ и го отвори срцето да внимава на она што зборуваше Павле. 

А кога се покрсти таа и нејзините домашни, не` замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа“! И не принуди.

Во тие дни кога одевме на молитва, не сретна една слугинка, која имаше гледачки дух, и на господарите свои им донесуваше големи приходи вражајќи.

И одејќи по Павла и по нас викаше, зборувајќи:

„Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението“.

Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павла, тој се сврти кон духот и му рече: „Ти заповедам во името на Исуса Христа излези од неа“! И излезе во истиот час.

Штом видоа господарите нејзини дека отиде надежта за нивно богатење, го фатија Павла и Сила и го довлекоа на плоштадот кај началниците.

И кога ги приведоа пред управниците, рекоа:

 „Овие луѓе што се јудејци го бунат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме“.

Тогаш се струпа на нив народот; а управниците, штом им ги расцепија алиштата, повелаа да ги бијат со стапови.

И откако ги испоранија многу, ги фрлија в затвор, а на темничарот стражар му наредија да ги пази добро.

А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада.

Во полноќ пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците го слушаа.

Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.

А стражарот темнички кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале.

Но Павле викна со силен глас и рече: „Не прави на себе си никакво зло, бидејќи сите сме овде“!

А тој побара светило, истрча и растреперен падна пред Павла и Сила; па откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, за да се спасам“?

А тие му одговорија: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш и ти и целиот твој дом!“

И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова.

Па како ги прибра ноќта во тоа време, им ги изми раните и веднаш се покрсти тој сам и сите негови домашни.

И штом ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога.

Од Светото писмо, Дела на светите апостоли од Светиот апостол Лука, Скопје 1990

Марко Китевски