Среда, 25 Ноември 2015    Печати
Три круши

(Свидение на хранителот)

Јас, хранителот Дабјан Македонецот,
на стража сум за цезарот
и римските легии,
чии мечови со крв христијанска
и моите раце ги извалкаа...
А стојам, стражарам простум
во дреи војнички,
со копје и штит крај патот,
салутирам на коњица
што гони и убива...
Моите очи пресушуваат,
ме скаменува болката.
Се молам во невреме
и за сите времиња се молам:
- О Господе, Боже,
зар крвта Исусова
сите наши гревови не ги изми.
Те молам, Господи,
тие за Христа што проповедаат
нека поживеат на Земјата.
Вас тројцата - црномурести мажи,
во бели одежди ве видов
на ден-пладне, во жега.
Крвареше еден од вас...
Во земуницата ве сокрив.
По патот протатне коњицата,
прашен облак се стори.
Ве поев, хранев, мелеми редев,
а моите рани зацелуваа.
Со благослов се простивме...
На овој рид, во црн ден,
во локва крв
телата ви лежеа.
Ве сохранив со ридание.
Да не ве поганат,
три круши,
три оскоруши засадив
за крстот ваш,
апостоли на верата
во Македонија.
Еве, и во ова време
стражарам на патот,
бдеам крај гробницата ваша
на Три круши.
Како даб корења сум пуштил,
јас, Дабјан Македонецот,
стражарам во времето,
за вас свидетелствувам.
Сега крст над вас извишува,
осветлен во темнината,
светилки ко свеќи горат,
светлина за светлината ваша
пред векови згасната.
Велигденска литија со коњица
за драчевските покрсти
трета починка овде има.
И камбана за молитва
во храмот „Св. Петка“ повикува.
Божествена литургија за навек,
во името на Отецот, Синот и Светиот Дух
служите и вие,
весници христијански.

blagica-petkovska
проф. д-р, Благица Петковска