|
Дојдете кој од каде Варвари кренете го повисоко сонцето и кажете му да не заоѓа дури е со нас, дури е над нас, оти ние сме постари од него.
Земете си ја само омразата кон своите родители и роднини, земете го и гревот и гневот и запалете ги куќите и амбарите стоговите сено и посевите и водата и солта во солзите, нека пиштат и змиите и ѕверовите, камењата, птиците и металите и тревата- нашата прва постела.
И од плачот нека се урне небото, нека врне пепел и живожарица на се онаму од оние онде. Нека остане само сонцето да се чуди на што да угрее !
Дојдете кој од каде како, кое како кој и кој од каде било, да им покажеме таму ними, таму сега и за таму тогаш, оти ние сме се уште Варвари а нам само смртта ни прилега.
Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем, ако останеме без нашето име од кое уште се плашат ко од чума.
А без име, векутуми, а без него и гробовите ќе ни бидат празни.
Петре М.Андреевски |