Среда, 13 Април 2016    Печати
Слово на Свети Методиј

kim

По свит јаглен босоног одев,
крај брат ми Кирила
од Солуна до Моравија,
и по ноќи одев и по бел ден
до темни зандани во Елванген!

Напуштив и куќа и татков дом
да водам јато по божји ѕвона,
да бидам разден
меѓу темни ноќи
и јасни дни.

Се расони сончев провев,
ангел на небо блесна
и би ново слово
и би ново писмо
сеславјанско!

-Зошто ново, какво ново!?-
заѕвери ѕверски глас
и побара оган
и побара потпал
за двајцата нас...

Колку народи -
толку буквари,
колку народи -
толку писма
а Бог е еден!

И нека чита мојот род
и нека пее
и нека слави мојот народ,
Бог нек слави
по македонски!

Панде Манојлов
03.05.1995