Среда, 27 Јули 2016    Печати
Празнотија

Во непознато заминувам
- телото го испразнив,
в куфер душата ја сместив
да не гледа, да се премисли.

Зошто, само ако еднаш ѕирне
во слатките - зрели плодови
душата во нив ке се облече,
може ли некој да ја сопре?

Во туѓ град без планини
сретнав ликови безначајни
таму сонцето не се движи,
сласта ко пелинот ја сеќавам.

И кога рака подавам
празна празнотија допирам,
тогаш се прашувам
каде ми е постоењето?

Со секое заминување
парче земја кинеме.
Земи огледало, скрши го
повторно и повторно
твојот лик се огледува,
оној истиот кој беше
и пред да заминеш
-зошто одиш Македонецу?


ВИОЛЕТА СЕКОВСКА