Среда, 03 Август 2016    Печати
РАЃАЊЕ НА НОВ ДЕН

Дамнешна желба, в гради ми тлее,
да стапнам на планина света,
планина каде задоволство се лее,
планина каде се раѓа нов  ден.
Чекорам по тесна камена патека,
се уште мрак, само по некој намерник,
потклекнува да допре камен,
камен, кој го води на овој свет пат.

Високо издигнати карпи,
карпи со раскошни престоли,
привидение, некој застанал таму,
 ги чека гостите свои.
Само тишина се слуша,
Се појавува тивко и нечујно ветре,
каква е оваа тишина,
 какво е оваа мистично место.

Во мугрите меѓу процепите на карпите
се појави првиот сончев зрак.
Повторно се роди новиот ден,
ден исполнет со радост
ден на секого од нас да сокрие мрак.

Се гледа линија на спојување
место каде небото ја целива земјата моја.
Некој ќе помисли дека овде се родиле
Сонцето и Месечината- брат и сестра.
Протегнав снага на еден вечен камен,
се препуштив на мислите,
се препуштив на времето,
се препуштив на моментот ,
на моментот на раѓањето на новиот ден.

jadranka-klisarova
ЈАДРАНКА КЛИСАРОВА