Среда, 08 Април 2020    Печати
ЖИВИ СПОМЕНИЦИ

161

ЖИВИ СПОМЕНИЦИ

Насобрана горчина
од неизвесно битисување
со чемерна болка
и гнев од безизлез
низ осојни ќорсокаци.
Во нас презрените,
со јанѕи на душата,
и оловни пранги
на бескрвните дамари
врзани во јазли.
Вкочанет поглед
негде во една точка,
таму кон источникот
со лековита вода
за нашите живи рани.
Изворот недалеку
отаде змијарникот
и трнливото беспаќе,
а ние со боси нозе
жедни а немоќни.
Крилјата потсечени
за да полетаме,
стапалата крвави
за да изодиме
и за да доодиме.
И уште чекориме
и уште тука сме
како громобрани,
уште необезличени
ние живите споменици.

Автор:
Р. Христовска
("Оловни мониста")