|
Панде Манојлов: БЕВМЕ САМО ДЕЦА
Бевме само деца што растат во сиромаштија и многу среќа... Храната на сите ни беше речиси иста: суво и црно лепче намачкано со маст, нане и сол-пипер на маста, или - сиренце и лепче ... Дома, за ручек, празно гравче, по некој компир во огниште печен, варени коприви, зелник со киселец и штавеј! За Велигден, сиромашните родители ќе ни купеа ефтини патичиња, сандалчиња или налончиња, шарени фустанчиња, а за сѐ друго што сме барале и во сонот сонувале, ќе ни речеа со скриен поглед: спуштени беа ќепенците на дуќаните... Играчки ни беа врбовите гранки за правење свирчиња и труби, камчињата за играње петкамен, ашиците за играње џорта... На училиште, од првиот македонски буквар ги учевме сите букви и од онаа, последната Ш учевме како Шана шие на машина, како денот да се закрпи! Го учевме животот како да е гердан од години што катаден се нижи, гердан, што на вратот треба да се носи! А бевме само деца, среќни деца... |