Среда, 27 Јуни 2012    Печати
КРШНА ПЕСНА

КРШНА ПЕСНА

Божем стомниња сме,
божем бардиња,
божем грнци
и грниња сме,
непечени,
Рацине!

Како од глина
сива да сме,
како плитари
од кал и плева
како свирчиња да сме,
Рацине!

Громотиме
еден на друг,
еден против друг
громотиме,
брат против брата,
Рацине!

И секој на своја страна
како класје без сноп,
секој прст - башка дланка,
и секој без клуч
за куќа своја,
Рацине!

Дури и калта
со кал ја валкаме,
со клетви и колнатии,
бел образ
на Родна Земја црнееме,
Рацине!

А, за што ли ти пееше?
За кои ли
бели мугри,
за која ли ноќ
што се кۥти,
Рацине?

Глуви сме и глувееме,
а сè гледаме
како да не гледаме,
како ни се крши
Татковината,
Рацине!

Панде Манојлов

*Песната за прв пат е прочитана на Манифестацијата „Рацинови средби“ во Велес на 14 јуни 2012 г.