Среда, 15 Јануари 2014    Печати
Скршено огледало

skrseno-ogledaloСе скрши огледалото
во кое си го гледав ликот,
тоа е сега на подот
здробено
на илјада парчиња.

Несакајќи ми падна
кога раката
ми затрепери
гледајќи ја солзата
на детенцето.

-Некој ни ги зеде височините,
светлината од родната куќа
ни ја зеде, дедо мој!-
плачеше детето
во моите прегратки.

Тогаш,
на илјада парчиња
се распука и моето срце
и падна на подот
до скршеното огледало...

Сега
секој ќе ги гази
тие зеници на љубовта,
тие зеници
на разделбите и тагата!

_Панде Манојлов

Песна посветена на внук ми Горазд