Среда, 24 Септември 2014    Печати
Богатство

Мој народе,
народе мој,
знаеш ли
колку сум богат?
Многу,
многу сум богат!
Имам
пет гробни места:
едно,
во Арменско, леринско
кај коските на прадедо ми,
друго,
во Породин, битолско
кај коските на дедо ми,
трето,
во Мелбурн, Австралија
кај коските на мајка ми,
четврто,
во Малме, Шведска
кај некој идни коски
на мојот род,
и петтото,
во Битола...
Пет гробни места
за едно тело,
за еден битис,
а за душата,
за мојата душа,
само
едно
гробно место:
Македонија!
Богат сум,
мој народе,
многу сме богати!

14. 09. 2014 г.                   

pande-manojlov
Панде Манојлов

*Песната е напишана на пат за Параловскиот манастир „Св. Ѓорѓи“ и за прв пат прочитана на Манифестацијата „Почувствувај ја Македонија“ во истоимениот манастир на 14.09. 2014 г.