|
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педесетница итн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово).
Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.
Духовден е христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и формирањето на Црквата.
На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух (Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото) што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.
На овој ден Христовите апостоли беа облечени со силата на Светиот Дух и комплетно оспособени да бидат Христовото тело на Земјата.
На овој ден апостолите, од здружение на граѓани, откако го примија Светиот Дух беа трансформирани во Христова Црква.
На овој ден апостолите беа трансформирани од едни збунети и уплашени Христови ученици, во вешти, до смрт лојални и храбри Христови проповедници со исклучителна јасност и длабоко разбирање на Христовата евангелска порака.
На овој ден, по Петровата проповед, се крстија околу 3000 души и славно беше формирана првата Христијанска Црква.
Затоа овој ден е наречен Роденденот на Христовата Црква.
|