Четврток, 07 Април 2016    Печати
Блесна македонската икона во црквата во Назарет

image-1c36edfe171a0d053e4ec033c03c317366e85b54299d4fd77dacba7f7284c9fd-VОд денеска во базиликата на Свето Благовештение во Назарет во Израел се наоѓа икона со ликот на Пресвета Богородица како спомен обележје од Македонија. Ја постави македонската делегација предводена од заменик министерот за Култура, Драган Недељковиќ и амбасадорот на Македонија во Израел Пајо Авировиќ.

Иконата, во форма на мозаик е поставена во просторот каде се наоѓаат спомен обележја од речиси сите држави во светот и православни и католички.

Спомен обележјето при поставувањето го осветиле двајца свештеници на МПЦ од Скопската Епархија. На иконата е претставена реплика од познатата икона од Манастирот во Зрзе, „Св.Богородица пелагониста“.

Како, што веќе објави „Религија.мк“ иницијативата за поставувањето на ова спомен обележје е на Туристичката комора на Македонија, а за поставувањето на иконата мозаик, согласност и благослов дала и Македонската православна црква, преку Архиепископот охридски и македонски, г.г Стефан.

Македонската делегација утре во најголемиот музеј на холокаустот ќе положи цвеќе во спомен на жртвите од холокаустото.

Religija.mk