Среда, 17 Август 2016    Печати
Нов поетски ракопис од Панде Манојлов

Деновиве, во издание на реномираната издавачка куќа „Матица македонска“ од Скопје во едицијата „Современа македонска поезија“ излезе од печат најновата поетска книга „Далечен сон“ од македонскиот поет Панде Манојлов. Книгата е поделена во четири циклуси и содржи 51 песна.

Во поговорот за овој поетски ракопис литературната критичарка  Проф. д-р Даниела Андоновска - Трајковска, меѓу другото, ќе го забележи и следното:

„Поетската книга „Далечен сон“ од Панде Манојлов зрачи со топлина, патриотизам, елегични чувства, тага по недофатливото, по изминатото. Таа е, во исто време, и една лирска песна, така кодирана за да може да ја сфати секој читател, а да ја доживее секој Македонец: Даимаш Татковина/ и да ја немаш, /корен да имаш/ а вејка да си: без Македонија/ Македонец ли си!? („Вејка“)“.

pande-manojov

Панде Манојлов е поет, прозаист, критичар и новинар, роден 1948 година во селото Породин, битолско. Автор е на 22 книги од кои како позначајни би ги спомнале: „ Соѕвездие на болот“ (поезија, 1977), „Блажевина“ (поезија,1988), „Лет во сонот над Ајфеловата кула“ (поезија, 1998), „Сонувај добрина“ (поезија за деца, 2012), „Последната корида на душата“ (раскази, 2014) и и дуги.

Негови поединечни песни се објавени на повеќе јазици. Најпреведуван е на арапски јазик.

Член е на друштвото на писателите на Македонија и Асоцијацијата на писателите на Калифорнија (САД).