Среда, 24 Јуни 2015    Печати
Седенка во Стоби

На сон или на јаве, на седенка заседнавме
рано едно утро, јас, Царот и Боговите,
кај што Еригон* и Аксиос* се спојуваат ,
за вечен век заедно да векуваат.

Јас , како Грација, исто накитена,
исправена во гордоста своја порабена.
Разиграна,продуховена и преубава,
со насмевка среќа и радост што емитува.

Царот- како Дион* среде лозје исправен,
со светнати очи – блесок жежок, опиен.
од Артемида* со ниет благословен 
ко плен да очекува лесно добредојден.

Како мимичар од глина извајан,
таен јазик со Боговите зборува,
да го почнат веќе договореното,
да го направат уште нестореното.

На Психа* и шепоти в душата да ми чепне
на Ерос* со страст да ме гребне,
на Купид* со копнежлива стрела да ме падари,
на Изида* со неизмерна плодност да ме надари
и желба во подсвест да ми вдахнат сите,
да не го испуштам од срце низ вековите.

А тој, Царот,  како паун да се шета,
Од живот во живот каков што е редот,
од паунов пердув  во нов паун да се стори,
да се прераѓа, во недоглед да се обновува
до бесмртност името мое да го повторува. 

Амин, рекоа сите суштества Божји, 
амин , Немеза* рече и со збор и дела пресече:
Јас и царот да царуваме во темнина,
Божјо благословени, добросани , 
осудени на немост и на гест,пеплосани...

Еригон - Црна река, Аксиос – Вардар, Дион - бог на виното, Грација – божица на убавината, на китењето на разиграноста, Артемида – божица на ловот, Психа – божица на душата, Купид – бог на копнежот, Ерос – бог на љубовта, Немеза – божица на судбината

zaklina-mihajlova
Жаклина Михајлова