Среда, 25 Јануари 2017    Печати
МАКЕДОНИЈА

Се нафрлиле како на мрша.
Дури и ѕверови доитаа
да и ги растргаат коските
а тие пак тука
Ту бре,
што народ ќе беше
и ѕверови да го растргаат
и пак народ да еАко е од бога,
и нека биде
Што ќе му се
вакви каколосани сурати
со по некое зрно
среде празен клас
Ако е од бога
нека битисаме,
усфет нека фатиме,
оти не сме биле кадри,
непрокопсани сме биле,
со свиткан стожер
и гумно без коњи
Ако е од бога,
и нека биде
Нека не постелат
за да преминат
заедно со каколот
кој ни стапнал втил
за да ни го свитка шијалникот,
пуста уста
да не се отвори    
Ако е од бога,
нека ни ја треснат главата
за да се доразбегаме
соси светците,
белким еднаш
ќе не докусурат
Ту бре
како се закатани
и кутрината внатре
замирисаа на реа.
Јанѕи!
Ако беше од бога
одамна ќе прокопсавме,
вид виделина не ќе видевме,
не ќе видевме ни Пела,
ни Вавилон,
ни Петар,
ни Кирил,
ниту ѕид ќе кадросавме,
а суратите ќе останеа
неми,
слепи,
уџум во планините,
по крастите на островите,
или со задникот од коњот
Ако беше од бога
вас во средиштето
треска ќе ве сотреше,
а не собрани во палати
муабетите скришум,
јадосани
сонцето да не ве испече
зашто сенка немате  
Вас
дури и во сонот
уплав ве фаќа
од лавот зинат,
да не ве тресне
преку светила
со двете опашки!

mirko-tomoski
МИРКО ТОМОВСКИ