|
Ако се сетиш некогаш дека земјата кружи околу својата оска, тогаш сети се и на Македонија која заедно со сите свои дијаспори кружи и околу својата судбина!
Сети се и на златната книга на која е испишана таа судбина, на пресудата со сите обвиненија против сите невини Македонци осудени на смрт или прогонства!
Сети се на патувачките гласници на буните и востанијата, на бунтовниците и востаниците, сети се на храброста како доблест и предавствата како прокоба!
Сети се на оние што рекле дека сме биле тесто од трици та секој кадар и некадар можел да го меси и да не дели како нафора, како црни питулици за раздавање!
И не заборавај ги сите пишувачи на лаги и лажни истории, не заборавај ја дури сенката на душманот зашто катаден таа се намалува, а пред зајдисонце се тегне и зголемува!
И сè на крајот ако заборавиш кога мозокот беспрекорно ти го перат, разорувајќи ти го умот дека не си тоа што си, запомни само едно: дека имаш македонски ген и дека немаш ништо друго освен Македонија!
 Панде Манојлов 13 јануари 2013 г.
|