|
На Гане Тодоровски
Да ни е да сме доста, а доста сме и Бистра да ја разбистриме и Вардар да го повардариме, со еделвајс на Вапцаров и Пирин да го попириниме, со Гоцева мисла и Егеј да го поегејчиме, та светот да го направиме поле за натпревар на светлината...
Да ни е да сме доста, а доста сме на ден денешен колку да си го потемниме небото, колку да си ги изматиме бунарите, колку од луди ветришта од лунки да полудиме та и Црна да ја поцрниме од Железнец до камено доба од кусур банди и триш повеќе пропаганди...
Ти ги земам зборовите, думите ти ги земам, стиховите - тестамент ти ги помнам, поету, драг пријателу, драг Гане, ој, бесмртен Драгане, мислите ти ги помнам дека сме малцичка од народ кој севезден го бројат како стадо Исусово...
Рече Tи и прорече: колку сме, толку сме - токму сме! И аманет остави - да ја љубиме татковината! А, јас, стареам пријателе, или од старост ветреам та се прашувам гласно: што со ова наше денешно денес дали токмуто е токму кога брата безмерно брата мрази?
Панде Манојлов
09.05.2017. |