Среда, 13 Септември 2017    Печати
ИСЕЛЕНИЧКО РАСПЕТИЕ

Возот трчаше распењавен како НАТО-вски бик

бегаше со пленот кон западните капиталистички земји

јас трчав низ вагоните барајќи ја својата душа

душата која ми побегна при роднинските збогувања

газев низ солзите и крвта кои се гарант за нашиот гнев

сите патници беа бездушни и немо гледаа во таванот

ја проколнуваа судбината што им ги откорна стеблата

и онака засушени им ги спакува во куферите

грабливите возови бродови и авиони беа мошне алчни

бездушниот народ го превезуваа без издишка и сон

го превезуваа со излитени крштеници и дедовски тапии

кучињата жално завиваа барајќи ги сопствениците

и ѕвездите угаснаа над препекот од земјиниот плач

а јас и по половина век се уште трчам низ возилата

за да си ја најдам мојата сопствена душа

зашто јас неможам без неа

а пак таа неможе без татковина

iselenicko-raspetie
8.9.2017год.

Иван ТРПОСКИ