Среда, 03 Јуни 2020    Печати
КОЈ ВИ ДАЛ ПРАВО

1hh1

КОЈ ВИ ДАЛ ПРАВО

Еј, вие другоимени
со празни души ко јами
со мувлосани ѕидови,
застанете во редот
на тие со наведнити глави
и молете за милост
пред правдољубивите,
да ви простат за гревот
вам на заблудените умови
себезалажани со височини.
Кој ви дал право
вам на отчовечените
презрени бездушници,
да мислите оти сте вредни
за само една солза
од замреженото око
на еден дооден старец,
кому на чекор до крајот
му го одземате домот?
Барем да го оставевте
тагата да си ја излее
пред навек да замине
без да го обезличите
и гордоста да му ја збришете
од избразденото лице.

Р. Христовска