Среда, 26 Август 2020    Печати
Розита Македонска Христовска:ДА СИ ВЕТИМЕ

1rozita

Розита Македонска Христовска

ДА СИ ВЕТИМЕ

Ако од утре

загасне нашиот оган

за кој мислевме

дека ќе биде вечен,

ќе дувнеме ли во него

заедно во еден здив

за да прснат искри

и повторно да се разгори

пламенот во огништето,

или ќе црпнеме од пепелта

па ќе ја фрлиме врз жарот

што одвај тлее

како болен на смртна постела

кој веќе собира душа?

Ако од утре,

кога ќе седиме

еден спроти друг,

говори само тишината

и не се гледаме в очи

туку секој со погледот

отсутен е некаде далеку,

ќе имаме ли храброст

да си ги допреме рацете

и да посакаме повторно

да се погледнеме в очи

и само со поглед

да си кажеме сè како некогаш

без ниеден збор да изустиме?

Ако од утре

мораме да си кажеме збогум

како да не било ништо,

ако ме има мене и тебе те има

а нè нема веќе нас,

да си ветиме сега

кога сè уште нè има,

дека никогаш нема

да бидеме туѓинци,

да си ветиме сега

дека при секоја случајна средба

ќе се гушнеме топло

впивајќи си го мирисот,

а само ние ќе знаеме зошто.

Р. Христовска

("Душоглед")