Среда, 28 Октомври 2020    Печати
ПРЕД ПАМЕТНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ

12183

ПРЕД ПАМЕТНИКОТ НА ДЕЛЧЕВ

Гане Тодоровски

Вечерва со тебе да зборувам мислев

и еве ме, дојдов во доцниов час,

сив октомври рони пожолтено лисје,

октомвриски ветер ме милува ете,

октомвриска радост преполнила гради

ечи в мојот глас.

 

Јас пред тебе стојам, пред образот ладен

што вечерва жив е а не занемен.

Почнува низ градот ноќта да се краде

ветерот се плетка низ свиткани ветки

и тука по патот  распостила злато

ветрот немирен.

 

Вечерва е вечер на спомени пресни

што в секое срце искрат копнеж врел,

вечерва е вечер за најмили песни

што низ гради волни, со радост се полнат;

нив в машкост ги плиска минатото блиско

на народот смел.

 

А јас – јас ти праќам жив поглед и сакам

да ти кажам нешто, само некој збор,

и ти одобруваш со твојата рака,

велиш: момче кажуј за смелите мажи,

за октомври славен, за октомври светол

за Илинден втор.

 

Почнувам. Ти слушаш, ти мене ме гледаш

со погледот чуден,  радостен и тих

ти слушаш глас еден од многуте чеда

што достојно, смело патот твој го следат

што в градба  ја градат гранитната зграда

на животот мил.

 

Октомври е денес во нашата страна

да, еве го кај нас, го сеќаваш ли?

Во октомври, Гоце, роднината стана

и внуците твои нарипаа в бојот

со твоето знаме разгореа пламен

во октомври сив.

Октомври се шета вечерва низ градот

во срцата наши празничен е тој,

октомври ни носи насетена радост

а животот убав преполнет со љубов,

израснува светол и кипи и цвета

в трудовиот бој.

 

Ноќта тихо шепти по лисјето меко

во градот се спушта кроце доцен час,

„видение добро" на Гоце му реков

октомвриска вечер ме гушна ко дете

октомвриски расказ в октомвриска вечер

привршував јас.

 

(Октомври 1947)