Среда, 09 Декември 2020    Печати
САВО КОСТАДИНОВСКИ: МАКЕДОНИЈА, ВОЈНИТЕ И СВЕТОТ

1Savo

САВО КОСТАДИНОВСКИ: МАКЕДОНИЈА, ВОЈНИТЕ И СВЕТОТ

За бесмислените војни

и на поетот

зборовите

во огнот му се кријат

но

штом зборот бил

на почетокот на светот

тогаш

не е доцна

со огнени стихови

за војните да се пишува.

Затоа

по воинствената мапа на Македонија

тешко се изодуваат

времињата на неправдите

та колку и да се држиш

во денот буден -

животот си одминува.

Исто како животот

на водите на Вардар

така и животот на македонскиот народ

со векови се влева

во еден друг век.

За жал

сè уште не е изграден

тој мост

по кој ќе можеме

со идентитетот да поминеме

на страната на вистината

или

треба да чекаме

Европа да ја отвори

завесата на правдата?!

А како

кога таа самата

уште не ги одболувала

нејзините детски болести

та уште не е на возраст

кога ќе се одврзе јазолот

на европскиот дух:

кога ќе завладее европејството

и кога Европа ќе прогледа

со сончевото око на човештината

без да ѝ се испомешаат

соништата на иднината.

Така е

на многу места по светот

а и со децата

кои уште во мајкина си утроба

сонувале војни.

Всушност

до каде што човекот по светот

победувал со својата одмазда -

таквата победа

до безживотност му се скаменувала.

Значи

штом човекот победува

само со животот на смртта

тогаш

залудно е

и во пепелта на историјата

да ја бараме

химната на нашата иднина.