Среда, 22 Ноември 2023    Печати
САВО КОСТАДИНОВСКИ-ВРАЌАЊЕ

1Savo

САВО КОСТАДИНОВСКИ

На поетесата Оливера Јовановска

Срцето е тоа

што најдобро си го знае

патот до родниот крај

таму, каде што му е најтопло

во пазувите на татковината

 

Сведок ти си на туѓината

која живее во твојата поезија

но нејзиното време истекло

како низ песочен часовник

а не е лесно да се излезе

низ вратите на носталгиите

тие твои потстанарки

во твојот живот во Мелбурн

кои со време се здобиле и со свој дамар

затоа напуштените носталгии сметај ги

како школските тетратки испишани со спомени

 

Та во секоја носталгија

стиховите како цвеќенца

во песните ти расцутувале

а така е кај сите нас дијаспорци 

неоти во нашите песни

ноќта и денот имаат исти бои

штом животот ни се претвора

ем во сонце ем во месечина

 

Така е и со младоста

таа ни поминува како летен распуст

втисната во спомените

од печатот на животот

додека секој поет песната си ја пее

како што знае и умее

но ветерот на туѓината е тој

кој ги измешува гласовите

и било како да ни било

нашите неволи сме ги криеле

и меѓу редовите на напишаното

но и каде да сме расеани по светот

ние пред сѐ се чувствуваме за горди Македонци.