Среда, 16 Октомври 2013    Печати
Песна испеана за судирот во село Јудово помеѓу ајдутите и потерџиите

selo-judovoВојводата Дуко Тасев во 1882 година одел како јатак во четата на Михаиле. Четата често престојувала во село Подвис и во село Јудово. Јанкесеџиите од село Другово разбрале дека четата се задржува во тие села и тргнале во потера, дружина од 40 души. Потерата во Јудово, во куќата на Дуко, ја затекнала четата на Михаиле. Започнала борба.

„Наскоро тројца Турци паднаа убиени, а нивниот главатар Мислим-ага беше тешко ранет. Тој ја растрои потерата и тие побегнаа, а четата без жртви се повлече од селото. Сите ајдути беа од нашите села, па тој судир ги исплаши месните Турци“ , вели Дуко Тасев.

По оваа случка е испеана песната за судирот во Јудово помеѓу ајдутите и потерџиите. Нејзината содржина е следна:

Крв се леит во Јудово, aбер немат во Другово.
Една жена Мислимица, aбер стори во Другово:
„Ај друговци, бре друговци, што стоите,што гледате,
што н’фаќате пусијата?!
Мислим-ага и сардиса кумитите во Јудово.
Шишко Стефо од Порече, Дели Иљо од Илину,
Кир Михаил од Латово“
„Ај ти тебе Мислим-ага, ја излези на пенџере,
да те видам с’едно око. Чија жена ти караше,
чиј ковчег разбиваше, чии алишта прибираше?!“
Мислимица ми отиде, ми отиде во Другово,
на друговци им велеше:
„Ај ми вие бре друговци, што стоите, што чекате,
што н’прегнете четвор кола, четвор кола, два бивола,
да крените Мислим-ага,
Мислим-ага од Јудово“.