|
|
| Македонците мора да се обединат по сите линии |
|
Цела 2016 година измина во планови и обиди на странските мешетари за конечно редефинирање и разнебитување на Македонија. Не помогна ни Пржино, ни Зоран Заев и албанските партии, ниту целокупниот изборен инжинеринг за да се скрши вољата на Македонците. Мнозинството од македонскиот народ гласаше за ВМРО ДПМНЕ како гарант на унитарноста и сувереноста на македонската држава. Измината година Макадонија се соочи со најжестокиот напад од осамостојувањето до денес. Меѓутоа, Македонскиот народ и неговите институции и покрај сите опструкции, успешно се спротивставија на нападите врз државата. Специјалната војна за разнебитување на македонската држава водена од центрите на моќ не ги даде очекуваните резултати. Тоа нив ги направи премногу нервозни и сега се спремни да ги употребат крајните инструменти кои им се на располагање, а тоа е конфронтација со балканските земји што може да го потпали бурето барут. По Грција која вели Македонија е грчка и бара промена на името, по Тирана која не ја признава Македонија под уставното име и се меша во внатрешните работи на земјата, сега се јавува и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ кој вели дека Србија погрешила што ја признала Македонија под нејзиното уставно име затоа што Македонија го признала Косово и го поддржала неговото членство во УНЕСKO. Уште и Бугарите да се јават и веќе ја имаме целата слика на земјите аспиранти на македонската територија, готови да се грабнат за гуша за да го освојат просторот низ кој поминува главната трансверзала од Средна Европа до Мала Азија. Сликата наликува како на почетокот на XX век. Никој не го прашува македонскиот народ, како што не беше прашан ни во Букурешт 1913 година. Но, изгледа дека никој не извлекол поука од тие настани. Токму поделбата на Македонија беше една од причините за Првата светска војна. Понудата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за двојазичност на целата територија и кантонизација на земјата во замена за албанските гласови дадена во Швајцарија, директно води кон поделба на Македонија, а тоа ги отвора апетитите на старите аспиранти. Но ако оваа понуда на Заев е инспирирана и поддржана од Вашингтон и Брисел, кои очекуваат да го затворат еднаш за секогаш македонското прашање, тоа значи и потпалување на Балканот. Свесни за овој ризик центрите на моќ играат и со распадот на БиХ, при што како компензација би се создале Голема Албанија, Голема Хрватска и Голема Србија. Тоа беше најавено кога Вашингтон ги посочи БиХ и Македонија како земји кои се наоѓаат на линија на огнот. Во овие игри на големите сили очигледно е дека нема место за Македонија. Многумина ќе речат дека ова е само заплашување на народот за да се прикријат други работи. Но има премногу докази кои укажуваат на игрите за разнебитување на македонскиот народ и држава. Не случајно Македонците веќе 25 години водат битка за името, јазикот и идентитетот. Не случајно земјата сеуште се именува како Поранешна Југословенска Република Македонија. И не случајно таа сеуште е надвор од НАТО И ЕУ. Во игрите за прекројување на Балканот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, влета како мува без глава без да е свесен за последиците по македонскиот народ. Меѓутоа Македонците не се монета за поткусурување. Ако издржале последните 25 години ќе издржат уште. Но за тоа е потребно се македонско единство, како во земјата, така и со дијаспората. Македонците мора да се обединат по сите линии, без разлика дали се припадници на ВМРО ДПМНЕ или СДСМ, бидејќи во прашање е Македонија. Само обединети можеме да го спречиме мрачното сценари.
|
















