|
||||
| ВЕЛИГДЕНСКИ ПРАЗНУВАЊА ВО АВСТРАЛИЈА |
|
Македонските празници со голема радост се прославуваат и меѓу иселениците на петтиот континент. Верата е таа која го одржува духот на македонскиот човек каде и да е. Со огласувањето на црквените ѕвона точно во 12 на полноќ се најави и радосната вест за Христовото воскреснување. Велат дека црковното ѕвоно е Божјиот глас а верниците масовно се собираат да го чујат и присуствуваат на празничната богослужба. И нашата вера е создавана, темелена врз радоста од христовото воскреснување. Христовото воскреснување е светлина и патоказ за животот на човекот низ вековите. Воскресението е радост за измачените, утеха за болните , поука за малодушните, сила и цврст темел за благоверните. На овој ден како што е познато, Исус ја победи смртта затоа што имаше живот во себе. Од тој момент, сите ние ја примаме таа вистина и се исполнуваме со особена храброст и духовна крепост, зашто смртта не е повеќе закана, ниту причина за страв.
Најмладите се радуваат кога ги кршат црвените велигденски јајца а од своите родители, баби и дедовци слушаат за тоа како се прославувал овој ден и во Македонија. За празникот се посветува тема и во училиштата каде се изучува македонскиот јазик и од таму децата не само што го учат јазикот туку се запознаваат со неговото значење и традиција. Велигден во светот е познат како голем празник исполнет со разновидни обичаи, игри, активности како што се тркалање на јајца во Англија, правење на јагне од путер во Полска и Русија, криење на јајцата во Нов Зеланд, изложување на јајцата и украсување на фонтани со цвеќиња во Женева. Во Чешка и Словачка практикуваат “камшикување и тепање“, да ги означат Исусовите страдања а за жените велат дека треба да “се камшикуваат“ со цел да го задржат нивното здравје и убавина во текот на годината. Во Германија ги декорираат гранките од дрвјата со украсени велигденски јајца. Испраќаме честитки до Редакцијата на Македонска нација, како и сите Македонци во родната Македонија и иселени во светот. Нека ни е честит и вековит и овој наш голем христијански празник. Христос воскресе, Навистина воскресе!
|



Гордана Димовска






















