Среда, 12 Ноември 2014    PDF Печати Е-пошта
40 години од формирањето на ансамблот „Томов“ од Њујорк

Славе Николовски – Катин

Ансамблот за народни игри и песни „Томов“ од Њујорк, предводен од уметничкиот директор и кореограф, Џорџ (Ѓорѓи) Томов беше формиран во 1974 година со цел да ги прикажува на американскиот контитент богатите игри и песни од Балканот, посебно од Македонија. Ансамблот предводен од видниот македонски иселеник Џорџ Томов беше составен исклучително од Американци, ентузијасти, играорци, пејачи и музичари, а само уметничкиот директор и кореограф беше Македонец. Тоа беше единствен ансамбл во светот од ваков вид. Неговите членови беа Американци од кои голем број по занимање беа и се професори, инженери, научници кои своето слободно време го посветуваа на богатите игри и песни, ја чуваа балканската и македонската фолклорна традиција, оригиналност и автентичност на костумите и кореографијата. Оригиналните игри на ансамблот „Томов“ ѝ се познати на македонската јавност уште од 1979 година, кога првпат американските играорци со успех гостуваа во Република Македонија.

Инаку, уметничкиот директор и кореограф Џорџ Томов се родил во Струмица на 18 март 1933 година, а почина на 5 август 2008 година во Веин, Њу Џерси, САД. Ѓорѓи (Џорџ) Томов завршува Средно техничко училиште – шумарски смер во Скопје. Во 1955 година станува член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ од Скопје, како играч и пејач и активен бил до 1962 година. Во тој период, „Танец“ добива Златна плакета во Ланголен и важи за еден од најдобрите ансамбли, така што Ѓорѓи Томов ја користи можноста да оди на многу гостувања: во Германија, Албанија, Франција, Италија и во Швајцарија, а повеќе пати и насекаде низ поранешна Југославија. Во 1960 година Ѓорѓи Томов се запишува на Вишата педагошка академија во Скопје – отсек вајарство, поради изразената дарба за ликовни уметности и успешно ги завршува студиите. Во март 1963 година оди во Париз и работи и студира вајарство кај познатиот професор Родригез. Но, земјотресот во Скопје во јули 1963 година му го прекинува престојот во Париз поради потребата од помош и сместување на семејството во Скопје.

Од септември 1963 година продолжува да работи во Белград, во Управата за градско зеленило, а од мај 1964 година одлучува да ја прифати понудата на хрватскиот ансамбл за народни песни и игри „Ладо“ од Загреб како член-играч и пејач. Од јуни 1964 до октомври 1967 година непрекинато е ангажиран во „Ладо“ и остварува многу гостувања низ сите европски земјим,  во САД и Канада.

Во периодот од членувањето во „Танец“ и „Ладо“ голрмиот вњубениник во фолклорот има убави можности да знапознае многу личности од највисоките државни, културни и уметнички кругови и остварува многу трајни пријателства и соработки поради неговите лични карактерни и професионални квалитети.

Во мај 1967 година, за време на гостувањето на „Ладо“ во САД, Ѓорѓи Томов одлучува да остане во Њујорк поради познанството и професионалните контакти со еден од најдобрите њујоршки менаџери за класична музика Алберт Кеј и финансиската помош која му ја понудува неговиот стар пријател Луис Симончич. Се вработува кај Алберт Кеј како негов секретар, а потоа и соработник. Тој му помага да направи кариера во областа на фолклорот на американско тло, уште повеќе што ја запознава Македонија преку сѐ она што му претставува за неа младиот Македонец. Во исто време работи и кај еден познат вајар и од тогаш почнува неговата богата фолклорна, вајарска и општествена дејност за запознавање на американската јавност со македонската култура и фолклор и пошироко југословенскиот и балканскиот фолклор.

tomov

Во 1968 година соработува и со Фолклорниот институт во Скопје и стручно се подготвува да оформи свој ансамбл за народни песни и игри како единствена група за балкански фолклор во Њујорк и цела Источна Америка. Официјално во 1974 година под името „Томов“, со комплетна негова кореографија и оригинални народни носии, Ѓорѓи Томов беше уметнички директор, кореограф и главен инструктор на ансамблот кој беше специфичен и единствен како негова идеја. Националниот состав беше од чисти (родени) Американци кои никогаш пред тоа немале допирни точки со Македонија, а освен тоа сите беа интелектуалци (многу од нив и со професорски и докторски титули) и студенти кои полека, но сигурно се вљубуваа во Македонија и Балканот.

Веднаш потоа во 1975 година под покровителство на познатата „Ал Кеј Асоцијацијата“ ја основа Здружената фолклорна фондација и беше нејзин претседател. Во неа ги вклучува сите фолклорни друштва од словенските етнички групи и оваа културна институција влегува во склопот на „Културните активности на САД“. Таа беше беспрофитна асоцијација, а буџетирана од државата.

Во исто време Ѓорѓи Томов станува коорганизатор и активен уметнички раководител на ансамблот „Гоце Делчев“ при Македонската православна црква „Св. Кирил и Методи“ од Пасаик – Њу Џерси. Исто така, станува коорганизатор на „Советот за словенското културно наследство во Америка“. Здружение каде е претставник на Македонците и постојан член на Управниот одбор на уметнички директори.

Од 1969 година предава македонски и општојугословенски фолклор во поголем број универзитети и колеџи во САД и Канада (повеќе од 80). А од 1975 до 1982 година отвора и води меѓународна школа за фолклор. Од 1984 година беше постојан предавач на македонски фолклор во Експерименталната програма на школскиот систем во државата Њујорк каде биле вклучени деца од прво до осмо одделение. Во 1975 година го отвора своето Фолклорно студио на Петтата авенија во Њујорк, за уште поголемо популаризирање на македонскиот фолклор.

Ансамблот „Томов“ во своето постоење имаше постигнатно огромни резултати околу ширењето на македонската култура. Секоја година одржувал од 6 до 14 концерти во најпознатите светски сали: Карнеги хол и Линколн центарот во Њујорк, во Бостон, Вашингтон, Чикаго и многу други поголеми и помали градови во САД и Канада; настапувал на повеќе телевизиски станици во САД; учествувал на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Лејк Плесид 1984 година и на специјалистичкиот концерт за свеченото отворање на Елис Исланд 1990 година; има и учествувано на многу фолк-фестивали во Америка. Најпознатите весници: „Њујорк тајмс“, „Денс магазин“, „Дејли њуз“, „Риверсајд прес“, „Денс ривју“, „Балерт њуз“, „Д,тајмс хералд“, „Арте“ и други без исклучок уште од 1974 година давале највисоки оценки за кореографијата, беспрекорната техника на изведување и одушевувањето кое го предизвикувал ансамблот со сите изворни ора и песни од Македонија, а посебно со „Невестинското“, „Калајџиското“ и други.

Во Македонија ансамблот гостувал на сите фолклорни фестивали и пошироко на бившите југословенски простори и тоа: на „Балканскиот фестивал“ во Охрид, „Илинденските денови“ во Битола, „Фолклорната смотра“ во Загреб, „Дубровничките летни игри“ во Дубровник, „Скопското лето“ во Скопје и на Семинарот за фолклор во Струга. Неговата активност била проследена во македонските јавни медиуми: „Нова Македонија“, „Вечер“ и „Македонија“ (списание за иселениците); како и повеќе интервјуа на Ѓорѓи Томов биле објавувани на Македонското радио и во многу други информативни гласила во поранешна Југославиа.

Ѓорѓи Томов работел на кореографија и за други ансамбли и театарски претстави: за ансамблот „Живели“ од Колумбос, Охајо; за ансамблот „Свадба“ од Питсбург; Негова беше кореографијата на балетот за оперетата „Царојевичи“ од Франц Лехар во Линколн центарот во Њујорк за „Виенската оперетска компанија од Америка“. Учествувал во кореографијата за завршните свечености за прославата на стогодишнината на Америка. Во 1995 година, во Австралија давал стручна помош на иселеничките фолклорни друштва во Сиднеј, Мелбурн, Перт...

Исто така, македонскиот иселеник Ѓорѓи Томов уште во 1968, 1969 и 1970 година изработил скулптури во Њујорк – портрети и фолклорни мотиви, лиени во бронза, од кои една му беше искористена како заштитен знак, а има свои дела кај многу колекционери во САД; има две бисти-коњи поставени пред Зоолошката градина во Њујорк и на други места.

tomov2

За одржување и истакнување на македонскиот национален дух во иселеништвото Ѓорѓи (Џорџ) Томов се зафатил со основање на повеќе друштва: Во 1968-1969 година во Њујорк беше еден од организаторите на „Македонското друштво“; бил коорганизатор и прв претседател на „Движењето за македонски човечки права“ од 1987 до 1994 година, за државите Њујорк и Њу Џерси и цела Североисточна Америка. Активно учествувал во сите доброволни акции за национално потврдување и признавање организирани во црковните општини во Пасаик, Њу Џерси и во Њујорк, учествувал во протестни митинзи, а испратил бројни писма и телеграми за признавање на независта на Македонија до претседателот Буш и Џејмс Бејкер, а беше и делегат на Првиот светски македонски конгрес што се одржа во Скопје, во 1992 година.

Како член на „Емигрантската културна организација на Обединетите нации“ во Њујорк уште од 1985 година прави стална поставка на „Македонска соба“ во Музејот на Обединетите нации со свои оригинални македонски носии, накит и предмети за домаќинство, а во 1991 година го вклучува ансамблот „Гоце Делчев“ при Македонската православна црква „Св. Кирил и Методиј“ од Њу Џерси за прв пат како претставник на Македонија како посебна нација на Етничпката парада која традиционално се одржува на Шестата авенија во метрополата Њујорк.

Ѓорѓи Томов со години објавувал повеќе описи на македонски народни ора во фолклорните списанија во САД. Така, во 1973 година во списанието „Вилтис“ (надеж) објавува опширна репортажа за Македонија за културното наследство, природните убавини и фолклорот, на 25 страници, што предизвика голем интерес кај читателите.

Ѓорги (Џорџ) Томов кој живееше во Њујорк, САД, беше роден брат на Јанко Томов, од Бризбен, Австралија. Оваа година се навршија 81 година од неговото раѓање и 40 години од формирањето на ансамблот „Томов“ во Њујорк, САД, што заслужува да се спомене и да се памети, зошто тој беше  еден вид амбасадот и мост на зближување на Македонија со САД.

Во текот на неговата долга општествена дејност на полето на културата во новата средиба, Томов беше добитник на бројни признанија и награди. Во Второто издание на Маркисовиот „Кој е Кој во Америка“, во делот „Кој е кој во изведувачката дејност“ е вклучено и името на Ѓорѓи Томов (Џорџ Томов) како личност од посебно значење за развојот на современиот растеж на САД. Потоа беше добитник на наградата „Џвезда на хармонијата“ на Организацијата „Обединети нации“, на Конгресионалното признание на државата Њу Џерси, како и на бројни институции и асоцијации во САД и Република Македонија.

Но, се чини дека во биографијата на истакнатиот Македонец - Ѓорѓи (Џорџ) Томов со златни букви е забележана 2005 година, кога за својот  голем придонес во американското општество го добил највисокото признание во САД,  Медалот на честа „Елис Ајленд“, кој е траен симбол на емигрантските корени и различноста кои ја карактеризираат американската голема нација. Ова општествено признание за прв пат беше доделено на Македонец за неговото автентично презентирање на македонската култура во САД. Меѓу досегашните добитници на Орденот на честа се шест претседатели на САД и извесен број многу познати и признати Американци.

--------------------------------

- Материјалот прво е објавен во публикацијата “Македонски иселенички паноптикум” од Славе Николовски – Катин, Македонско научно друштво, Битола, 1996, 218-224.
 

На прво место

News image

Источен Петок – Балаклија: Празник на водата, верата и надежта

Источниот Петок, познат меѓу народот како Балаклија, е еден од најзначајните празници што се одбел...

Иселеници

Култура и туризам

News image

Источен Петок – Балаклија

Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што не...

Фељтон

News image

УНГАРИЈА - ВТОРАТА ТАТКОВИНА НА ЛЕФТЕР МАНЧЕ (11)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ПАТОТ ДО ВРВОТ“ OД Д-Р ЛЕФТЕР МАНЧЕ

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.